3Д печатење во медицината им овозможува на хирурзите да го држат во раце точниот модел на органот што треба да го оперираат – уште пред да влезат во операционата сала. Тоа веќе не е научна фантастика, туку реалност во неколку болници во Македонија, откриваат лекарите во последното издание на списанието Medici, гласилото на Лекарската комора на РСМ.

Како функционира 3Д печатење во медицината
Со помош на снимки од компјутерска томографија (КТ) или магнетна резонанца (МРИ), тим составен од лекари и инженери создава дигитален, а потоа и физички модел на органот, коската или крвниот сад на конкретниот пациент. За разлика од обична снимка – која е дводимензионална претстава на екран – моделот дава вистинска просторна претстава, во реална големина.
Постапката обично изгледа вака:
- Снимање – пациентот прави КТ или МРИ снимка, како и за секоја друга операција.
- Сегментација – од снимките се издвојуваат органите, коските и крвните садови што се важни за операцијата.
- Дигитален модел – се изработува прецизен 3Д-модел, кој хирургот го прегледува и одобрува.
- 3Д печатење – моделот се печати во реална големина, а потоа се проверува неговата точност.
- Планирање – хирургот го користи моделот за да ја испланира и „увежба“ операцијата и за да му ја објасни на пациентот.
Реални случаи од Македонија
Во Medici, лекарите раскажуваат неколку впечатливи случаи: комплетна реконструкција на нос кај пациент по малигна болест, реконструкција на череп кај млад маж по сообраќајна несреќа, па дури и модел на срце на двомесечно бебе со тешка срцева аномалија. Во сите овие случаи, 3Д-моделот не бил само помагало, туку влијаел и врз самата одлука за тоа како ќе се изведе операцијата.

„Со креирањето на 3Д-модели, ни се овозможува соодветно планирање, со што се намалуваат ризиците од хируршки грешки, а воедно се зголемува ефективноста.“ – асс. д-р Валон Салиу, дигестивен хирург, за Medici
Тимот на 3DLoom својата работа ја објавува и во стручна литература – на пример, приказ на случај во Journal of Surgical Case Reports (Oxford Academic) за тоа како 3Д-печатениот модел помогнал во планирањето на сложена операција на панкреасот и слезината. Повеќе случаи можете да најдете на нашата Објави во медиуми страница.
Каде 3Д печатење во медицината има најголема корист
- Абдоминална хирургија – операции на црн дроб и панкреас, каде туморот е во близина на важни крвни садови.
- Реконструктивна хирургија – реконструкција на череп, нос и лице, каде целта е и функција и симетрија.
- Кардиохирургија – сложени срцеви аномалии, особено кај деца.
- Ортопедија и трауматологија – сложени фрактури и коскени деформитети.
- Медицинско образование – 3Д печатени реплики на коски за студенти и специјализанти.
Што значи тоа за пациентите
Иако оваа технологија веќе две децении е стандард во развиените земји, кај нас сè уште е во почетна фаза. Токму затоа 3DLoom работи на тоа технологијата да стане подостапна за повеќе болници и повеќе пациенти во земјава – без секоја институција да мора да гради сопствена, скапа лабораторија.
За пациентите тоа значи дека операциите стануваат попредвидливи, попрецизни и побезбедни. А зад секој успешен резултат стои не само вештината на хирургот, туку и часови подготовка на тимовите кои ја развиваат 3Д-технологијата.
Најчесто поставувани прашања
Дали 3Д-печатењето во медицината е безбедно?
Да. Моделот се користи надвор од телото на пациентот, како помагало за планирање, а секој модел пред употреба го проверува хируршкиот тим.
Дали е ова експериментален третман?
Не. 3Д-моделите се помагало за планирање на веќе востановени хируршки процедури – самата операција се изведува на стандарден начин.
Дали секоја операција бара 3Д-модел?
Не. Најголема корист има кај сложени, ретки или анатомски нестандардни случаи, каде хирургот проценува дали моделот ќе помогне во планирањето.
Прочитајте повеќе за тоа како работи 3DLoom и како 3Д печатење во медицината може да помогне и во вашиот случај – или контактирајте нè.
Извор: Medici, гласило на Лекарската комора на Република Северна Македонија, VOX 131, јуни 2026.
